sq mk en
Ревматоиден артритис

Ревматоиден артритис

Ревматоидниот артритис (РА) е хронично прогресивно воспалително заболуване кое ги зафаќа зглобовите на двете шаки, лакти, рамена, колкови, колена, зглобовите на двете стапала, првите два пршлени на вратниот дел од рбетот како и горновилицните зглобови. Предизвикува болки, вкочанетост, отоци, ограничување на движењата а подоцна и нарушена функција на зглобовите.

Иако зглобовите се најчесто нападнатите делови на телото од РА, може да се појави воспаление и кај други органи (ревматоидни чврочиња на кожата, но и на органи, ревматоидни промени на белите дробови, срцето, воспаление на срцевата обвивка и васкулитис и др,). Може да се појави во кое било возраст (детска-ювенилен артхритис), но најчесто се јавува во средната возраст. Жените почесто заболуваат од РА, 75% од заболените се жени.


Причината (потекло) за ова заболување и покрај многубројните испитувања останува непозната. РА се смета за автоимуна болест. Иницијалниот фактор се антигени кои го напаѓаат приемливиот домаќин. Хроничното воспаление на синовијалната зглобна мембрана (синовитис) е во основа на заболувањето. Таа е многу воспалена, со време хипетрофира, пролиферира (разраснува). Присутни се многу воспалителни клетки, ензими, цитокини и др. Овие промени водат до оштетуване на зглобот.

Симптоми

Главни симптоми се болка, вкочанетост и отекнување на зафатените зглобови. Вкочанетоста е највеќе изразена наутро. Симптомите варираат во интензитет кај секој пациент. Горенаведените симптоми се јвуваат на почетокот на болеста, но понатамошните симптоми може многу да зависат од тоа каков тек ќе има болеста и дали се лекува.  Кај болните со РА има чувство на изнемоштеност заради воспалението и слабокрвност (анемиа)

Дијагноза

Дијагнозата се поставува врз основа на критериуми кои се донесени од Американската ревматолошка асоцијација (АРА)-утринска вкочанетост во траење повеќе од еден час, оток на зглобови, во најмалку три зглобни регии, симетричен артритис, ревматоидни чворчиња,позитивен ревматоиден а фактор (РФ) и анти ЦЦП антитела, периартикуларна остеопороза околу зглобовите на Ртг.

Тек на болеста

Болеста по својот карактер е хронична, прогресивна и деструктивна. Во текот на еволуцијата може да ги зафати сите зглобови. Протекува со влошување и подобрување (ремисии), а со текот на времето настануваат деформитети кои ја компромитираат функцијата на зглобовите. Овој дисабилитет го намалува квалитетот на животот, инвалидност, потреба од ортопедски помагала, корективни хируршки зафати. Сите овие тегоби, а особено болката со кои се соочуваат болните со РА, влијаат и на психичката состојба.

Терапија на РА

Современиот начин на лекување на ревматоидниот артритис може значително да го подобри текот и крајниот исход на болеста. Раната дијагноза е многу важна во лекувањето на РА, колку порано ќе започне со лекови кои ќе ја модифицираат болеста повероватно е дека ќе се спречи рано оштетување и деформирање на зглобовите.


Целта на лекувањето

 

Целта е да се намали болката, да се смири воспалението, успорување на радиолошките промени, да се превенира прогресијата и оштетување на зглобовите, а со тоа да се подобри квалитетот на животот.

Сите пациенти со РА - Имаат потреба од болест-модифицирачки лекови како што се метотрексат, лефлуномид, сулфасалазин и др. Овие лекови ја покажале својата ефикасност во лекувањето на ревматоидниот артритис. Кога не се постигнува ефект со еден од овие лекови, се препишува и нивна комбинација. Овие лекови може да имаат несакани ефекти, затоа е потребна редовна контрола при ревматолог.

Кога горенаведените, болест модифицирани лекови нема да дадат ефект, последниве две децении се користат и биолошки лекови кои делуваат на каскадата на воспалителниот процес, а со тоа го смируваат воспалението.
И понатамошното оштетување на зглобот. Значи овие лекови делуваат на имунопатогенезата на РА (таргет терапија). Со овие лекови се контролираат најтешките форми на РА. Лекувањето со синтески болест модифицирани лекови, како и биолошката терапија се во домен на субспецијалист-ревматолог. Современиот начин на лекување на болните со РА се темели на персонализиран пристап кај секои пациент.

 

 

Нестероидни Антиревматици (НСАИДс)

 

Антиинфламаторните лекови од групата на нестероидните Антиревматици (НСАИДс) се многу бројни кои се користат во лекувањето на РА (ибубруфен, диклофенак, кетопрофен и др.) се неопходни во текот на лекувањето. Тие имаат аналгетско, антиинфламаторно и антипиретско дејство. Покрај поволното дејство, сите тие даваат и бројни несакани дејства. Најчеста е гастричната неподносливост, но можни се промени во дисфункциите на тромбоцити, азотемија, егзацербација на бронхијалната астма и др. Индицирано е внимателно користење со консултации на лекар. Антиревматиците се употребуваат како во акутната, така и во хроничната фаза на болеста во кои доминираат болката и воспалението. Тоа се лекови кои се употребуваат при првите симптоми на почетокот на ревматоидниот артритис.

 

Кортикостероиди


Кортикостероидите се група на лекови кои влегуваат во комбинираните пристапи на лекување на ревматоидниот артритис. Тие имаат силно аналгетско, антивоспалително, антиалергиско и антиексудативно дејство. Ефектот од дадената терапија настанува брзо но и враќањето на симптомите после прекинување на лекот е многу брз. Се користат само по препорака на лекар кои умее да менаџира со овие лекови. Имено се даваат заради премостување, додека не се добие ефектот од болест модифицирачките лекови, како и при системски манифестации во мали дози во подолг период. Дозите помалку од 10 мг,во комбинација со нестероидни антиревматици се најчесто употребувани. Овие лекови не смеат нагло да се прекинуваат, потребно е филтрирање на дозите.

Интраарткуларното давање на депо препарат на стероиди кај РА е оправдано кога има еден или два зглоба со перзистентен оток и излив на синовијална течност. Чести апликации да се избегнуваат заради несакани ефекти (хипертензија, секундарна Цусинг-ов синдром, диабетес, остеопороза-системски ефекти), но и можност од инфекции и оштетување на зглобната рскавица. Овие несакани ефекти се однесуваат и на земање на стероиди во вид на таблетарана терапија.
Физикалната терапија е составен дел од лекувањето на РА. Целта е да се зачува функционалната способност на зглобовите, да се превенира мускулна атрофија и контрактури, а кога се присутни да се корегираат колку е можно. Во време на активност на болеста се препорачуваат само благи масажи и умерени вежби во кревет.
Кинезитерапијата е најбитна за време на ремисии на болеста.

Хирушкото лекување има значење во напреднатите форми кога има деформитети. Синовиектомија е рана интервенција со цел да се смири воспалението на зглобната мембрана, во поединечни зглобови, најчесто колената. Доцните операции се однесуваат на имплантирање на ендопротези особено на носецките зглобови (колена и колкови).

Лекувањето на РА е сложен и долготраен процес, но и деликатен. Неопходни се промени во начин на живеење, промена на навики, планирање на активности, користење на помагала и др. Пациентот и лекарот треба да се ентузијасти и активни чинители во справување со ова капричиозна болест. Истражувањата покажуваат дека здравата исхрана вклучува изобилство на зеленчук, интегрална, необработена, нерафинирана храна богата со растителни влакна. Намалување или елиминиране на внес на рафинирани јагленохидрати, заштитени масти и тутун секако претставуваат императив.

Закажи преглед