sq mk en
Педијатрија

Педијатрија

Опис на одделот за Педијатрија

Специјалистичката ординација по педијатрија нуди услуги кои се однесуваат на популацијата на возраст од 0-18 години. Делот Педијатрија обезбедува комплетно стручно згрижување, дијагностицирање и третман на сите заболувања во новороденечка, доенечка, детска и адолесцентна возраст. Работата со пациентите опфаќа прегледи, дијагностицирање со најсовремени методи и третман. Комплетно ги згрижуваме малите пациенти, вклучувајќи ја најчестата патологија во детска возраст (респираторни болести, инфекции, анемија), но и поретките патолошки состојби и болести, вродени и наследни заболувања, развојни пореметувања и сл. Покрај прегледот и третманот, на Педијатрискиот оддел посветуваме особено внимание на советите и превентивните мерки за зачувување на здравјето на бебињата и децата и нудиме поддршка на родителите за спроведување на овие превентивни мерки.
Нашиот тим од одделот за Педијатрија со големо внимание, аналитички и индивидуализиран пристап ќе Ви помогне Вам и на Вашето дете и ќе одговори на сите Ваши прашања. Современиот начин на комуникација со родителите и децата во нашата болница обезбедува позитивни емоции и трајна врска на доверба помеѓу медицинскиот персонал, децата и родителите.

Во што се разликуваме од останатите

Современ пристап во грижата за новородено и доенче

Важен дел од услугите кои ги нуди нашата специјалистичка ординација по педијатрија се однесуваат на најрано следење на растот и развојот на бебињата од страна на специјалист педијатар, почнувајќи со квалитетно следење и поддршка во првите денови по доаѓање на бебето дома од родилиште. Следење на доењето, исхраната, растот и развојот во текот на првата година, како и водење на родителите со континуиран медицинско-консултативен процес е она по што нашата Педијатриска ординација се разликува од другите. 

 Експертски совет за доење и исхрана на бебето во првата година

Нашиот педијатриски тим ќе ви помогне во процесот на започнување и одржување на доењето. Заедно ќе ги надминеме сите потешкотии и ќе се погрижиме бебето да расте со она што е најдобро за него. За мајките кои не дојат, ќе обезбедиме совети и материјали за правилно хранење на бебето од најрана возраст. После 4 - 6 тиот месец кога ќе дојде време за воведување на немлечна (комплементарна) исхрана кај бебето, нашиот тим ќе Ве води низ целиот процес. Во соработка со родителите, ќе обезбедиме добра основа за правилни навики за јадење и здрав раст на детето, со намален ризик за појава на обезност (дебелина) и неухранетост.

Скрининг, дијагностика и следење на вродени и наследни заболувања

Високостручниот тим на нашиот Педијатриски оддел нуди консултации, скрининг и дијагностика на ретки болести, вродени и наследни пореметувања, дизморфии и синдроми. Доколку постои сомневање за оптеретеност по однос на наследни заболувања во семејството, Ви нудиме консултации и дијагностички методи за утврдување на ризикот.

 Следење на раст и развој на предвремено родени бебиња и деца

Нашиот тим континуирано работи со родители кои имаат предвремено родени деца. За да го постигнат својот полн потенцијал, предвреме родените бебиња бараат повнимателен современ пристап, специфичен систем на следење на растот и развојот, голем број на скрининг прегледи, поддршка и едукација на родителите, особено во првите три години од животот. Во нашата болница може да ги добиете сите овие услуги на Ваше и наше големо задоволство, со крајна цел здравје и добробит на Вашето дете.

Следење на развој на говорот, комуникација, внимание кај мало дете

Во периодот на раното детство се насочуваме кон психофизичкиот развој на детето, со фокус на говорот, интеракцијата со околината, комуникацијата, вниманието. Она на што се гордееме е сериозниот пристап на нашиот тим, клиничкото искуство и консултациите кои се насочени кон поддршка на родителите за правилно одгледување и воспитување на детето, стимулирање на учењето и поставувањето на рамка која ќе обезбеди развој на здраво дете и здрава индивидуа.

Следење на растот во висина и тежина и третман на обезност (дебелина) кај децата

Нашиот тим врши континуирано следење на растот во висина и тежина кај нашите мали пациенти. Растот во висина е често интересен за родителите, кои најчесто се грижат дали нивното дете ќе ја достигне потенцијалната висина. Со континуирано следење на растот, консултации и советување, здрава исхрана, поволни услови за живот и дозирана физичка активност, ќе обезбедиме здрав развој и превенција на дебелина во детска возраст. Нашиот тим стручно, внимателно и аналитички ќе пристапи на секое дете кое има прекумерна телесна тежина и ќе ве води кон решавање на проблемот, без да предизвика стрес, срам или психолошко оптеретување на детето и родителите.

Check-up прегледи

Нашиот тим од одделот педијатрија врши чек-ап прегледи на Вашето дете, и тоа консултативен преглед пред започнување на детето во градинка или училиште, како ис преглед пред започнување на регуларна физичка активност во детска возраст (тренирање фудбал, пливање, тенис и слично). Во текот на овие прегледи ќе посветиме особено внимание и ќе ги информираме родителите за предизвиците, најчестите потешкотии и ризици, и како тие да се превенираат и спречат.

Закажи преглед